Стихозбирката „Невидлива присутност“ од Чедомир Б. Шопкиќ привлекува со сплетот на силниот лирски набој и пронижените стихови со универзални пораки за човекот и неговата морална опстојба. Примамливоста и убавината на испишаните стихови е во тоа што авторот преку искажаните „зборови од срце“ за љубовта, упатува на значењето на човекот односно на тоа колку е важно човекот да остане „обичен мал човек“, со душа како чистотата на природата…
Мoжеш ли…
Можеш ли да го изговориш зборот ЉУБОВ
со молчење,
и со своите прсти, да ја допреш без да ја скршиш…
Да ја задржиш, како зеницата во окото
да ја чуваш и пред света икона да се заколнеш…
Можеш ли со насмевка да ја допреш душата,
пред утрото, со поглед да помилуваш,
будна да сонуваш, со очи да бакнуваш,
срце да отвориш и да ја продолжиш
приказната таму каде што завршува…
Можеш ли да ги слушнеш:
говорот на чисти емоции,
приказната полна со копнежи,
шепотот застанат на усните,
и солзите со рака да ги избришеш,
силно на градите, искрено да прегрнеш,
да разбереш, да простиш без да се покаеш…
Можеш ли? Ако можеш,
тогаш знаеш и никогаш да престанеш!
Да сакаш и да живееш,
да бидеш среќна и да веруваш
во тоа чувство што ЉУБОВ се вика…